Кавадарчани и неготинци се караат уште од турско време, кога неготинските бегови отишле кај турскиот валија во Солун и со поткуп успеале да го кандисаат седиштето на Тиквешкиот округ да биде во Неготино.
"Лафе радио Кавадарци, слушајте неготинци", така пред педесетина години Кавадарчани ја започнале својата радиопрограма. Овие, пак, од пуста љубомора оти немале радиостаница, придодале оти чуле на радио како кавадаречкиот спикер му вика на техничарот: „Тисни ја вратата, да ти го тиснам ...".
Приказната се врти до денес, како и многу други кои се дел од кавадаречко-неготинските мајтапења. Петре Камчевски, кустос-советник во Музејот во Кавадарци, вели дека ривалството меѓу овие два града трае уште од турско време, кога неготинските бегови отишле кај турскиот валија во Солун и со поткуп успеале да го кандисаат седиштето на Тиквешкиот округ да биде во Неготино. На оваа одлука силно се спротивставиле кавадаречките бегови кои два пати дури и ја запалиле неготинската управна зграда, а потоа и тие отишле во Солун да интервенираат кај валијата. Тој, пак, формирал комисија да ги посети двата града и да види каде има подобри услови. Досетливите тиквешки бегови комисијата ја пречекале во Солун и ја довеле во Кавадарци рано наутро, преку сртот на Витачево, од каде што се гледал целиот град облеан во сонце. Тие многу го бендисале градот и вечерта си заминале преку Неготино, без да прошетаат низ него. Од Солун испратиле абер центарот на Тиквешкиот округ да биде во Кавадарци.
Неготино добива поголемо значење со пуштањето на железничката линија Белград - Скопје - Солун, па неготинци раскажуваат како кавадарчани доаѓале кај нив првпат да видат воз, а кога влегувале во вагонот, си ги собувале чевлите надвор. Овие, пак, се перчеле дека имаат повисоки оџаци на фабриките кои се гледаат дури од Неготино, па поранешниот општински службеник Тошо Чулев раскажува дека кога во Неготино почнала да се гради Туланата, еден раководител прашал дали Ќе има оџак. "Е, оџак нема", му рекле. „А бе да имаше еден оџак како оној на Кавадаречкиот комбинат не Ќе беше лошо", се туфкал тој. Во Неготино, пак, долго време највисока зграда била Монополот, па кога многу одамна, по враќањето од Кавадарци, го прашале еден повозрасен неготинец Што има ново таму, тој им рекол: "Лееле, човеци, да виите ама ногу монополи имало у Кавадарци".
Постарите неготинци тврдат дека тие биле помодерни од Кавадарчани, па први ставиле шапка на глава и облекле мантил, но кавадарчани ни на ова не остануваат покусо, па велат дека неготинци доаѓале така дотерани на корзото во Кавадарци да ги видат кавадаречките моми, ама иделе само по два - тројца, никогаш повеќе. Љубопитни да ја дознаат причината за тоа, кавадаречките ергени за кратко време откриле оти во Неготино само неколкумина имале шешири и мантили, па морале да си ги разменуваат меѓу себе за да можат да ги убедат момите дека возот првин кај нив ја носел модата. Арно ама, кавадаречките ергени, сепак, успеале да доведат повеќе невести од Неготино, кандисувајќи ги да се омажат во град, за да не останат во село. Надмудрувањата меѓу жителите на овие два града, кои ги делат само десет километри, траат со векови.
Во Неготино Ќе дознаете најмногу приказни во кафеаните. Еден од неготинските угостители Митко Балкански, до денес се чуди како во времето кога за излез од тогашна Југославија се плаЌал депозит од 20 марки, тие морале да го платат, а Кавадарци, како погранично место, било ослободено од оваа давачка, и покрај тоа што преку селото Конопиште немало граничен премин, та луѓето пак морале да поминат преку Неготино за да одат во Грција.
Сепак, и кавадарчани и неготинци потврдуваат дека ривалството меѓу двата града никогаш не ја довело под прашалник меѓусебната соработка. Тие признаваат дека во добрите времиња, кога и во двата града работеле киносалите, скришум меѓу себе си разменувале филмови, без да знаат дистрибутерските куќи. Имале заеднички музички групи, та сега со право едните се гордеат со Никола Бадев, другите со Петранка Костадинова. Но ако ги потпрашате за фудбалските клубови „Тиквеш" и "Вардар", е тогаш Ќе ви ги кажат сите пцости што меѓу себе си ги размениле на теренот, не само фудбалерите туку и навивачите од двата града. Поранешниот фудбалер на ФК "Тиквеш" Никола Сапунџиев се сеќава дека уште тогаш имало местенки на терените, па раскажува за едно од гостувањата на "Вардар" кога едвај се избориле натпреварот да го суди кавадарчанецот Лазо Џамбазот. Три гола едноподруго дале вардарци, па кога судијата видел дека "Тиквеш" Ќе загуби на домашен терен, почнал да суди пенали. ФК "Тиквеш" едвај победил со резултат 12:11, но подоцна неготинци им признале дека тие, сепак, се подобри фудбалери од нив.
Ако го прашате неготинскиот градоначалник Ѓорѓи Кимов што мисли за кавадарчани, Ќе ви рече: "Единствено нешто што ме бендисува кај нив е тоа што тие се многу борбени, а ние сме така, понежни. Неготинци имаат визија. Ете, ние први направивме болница и спортска сала, а кавадарчани после нас, ама па затоа тие секогаш ги прават поголеми од нашите", вели Кимов. Кавадаречкиот градоначалник Панчо Минов, пак, вели: "Дали некој Ќе направи прв или втор, не е важно. Ние ги мериме нашите резултати според потребите на граѓаните на Кавадарци и мило ни е ако такви резултати постигнат и нашите соседи во Општина Неготино, дури и да не надминат во тоа, што досега не е случај. Нашето ривалство и досега е само меѓусебно докажување на успесите, а сега со неготинци работиме на заеднички проект за водоснабдување, со кој ќе аплицираме пред меѓународната агенција за развој на Република Германија и, доколку биде одобрен, за следните 50 години ќе го решиме проблемот со водоснабдувањето на жителите од овие два града", вели Минов. Кимов, пак, вели дека е добро кога кавадарчани зборуваат за Кавадарци да мислат и за Неготино, и оти не е лоша идејата двата града да се спојат меѓу себе со широки тротоари, но, сепак, не заборави да потсети дека влезот во Тиквешијата е преку Неготино, а не обратно. И уште дека се гордеат со тоа што тие го имаат Вардар и едно од најубаво уредените речни корита.
Градовите кои ги имаат двете најголеми винарски визби на Балканот, "Тиквеш" и "Повардарие", сепак, секојдневјето го живеат со истите лозарски маки. Го молат небото да им го чува родот и ја чествуваат секоја нова реколта секој на свој начин - едните со манифестацијата Тиквешки гроздобер, со која го означуваат почетокот на бербата, другите со Фестивалот на виното на празникот Свети Трифун. И, што е уште поважно, и едните и другите ја љубат тиквешката жолта и не си го даваат својот дијалект за ништо на светот.
Пишува: Зорица Атанасова